by: Ана Несторовска
Објавено на 27. 11. 2010во "Викенд" ("Дневник")
Откако се докажа како стилистка и како водителка на едно од ретките модни ТВ-магазини кај нас, чиј концепт и стил веќе е добро познат, Цаци Паковска, пред неколку месеци реши да ја прошири својата модна приказна, основајќи го брендот "Стилисимо". Брендот е продолжение на нејзиното досегашно искуство како стилист, архитект и на некој начин моден креатор. Открива дека идејата за модна линија ја развивала околу една година, а конечно, во септември ја промовира и првата колекција.
- Многу размислував, осознавав, анализирав... Се прашував дали знам, можам и умеам да застанам зад еден ваков огромен зафат, кој бара голема пожртвуваност. За само неколку месеци со мојата партнерка Тања Панделеска решивме да основаме бренд за деловни жени со стил. Уште на почетокот бев свесна дека со самото тоа што го користиме името на мојата емисија ("Стилисимо"), имаме огромна обврска да создадеме сериозен бренд, кој во иднина би требало успешно да се развива - вели Паковска.
Моделите го отсликуваат нејзиниот сензибилитет и стилот што таа го гради во изминатите 15 години. Вели дека не обожава премногу тренди облеки кои по неколку месеци може да здодеат. Токму затоа, колекцијата е составена од едноставни, безвременски парчиња што може да се комбинираат за најразлични пригоди.
- Нашите модели се за жени со силен карактер и со изграден стил, кои се одвојуваат од толпата. Тоа се личности што не се модни жртви. Не се борат постојано да ја разберат модата, трчајќи по најновите трендови. "Стилисимо"- жената го одбира квалитетот и не сака да личи на подвижен билборд - вели Паковска и додава дека има среќа што нејзината партнерка пред с е нејзина добра пријателка, со која одлично се разбираат. Вели дека Тања умее да ја скроти нејзината енергична и избувлива страна од карактерот.
ВО ГОЛЕМИ КРИЗИ СЕ РАЃААТ ГОЛЕМИ ИДЕИ
Императив, уште од создавањето на брендот, им се добриот крој, квалитетните ткаенини, совршената изработка, а сето тоа за пристапни цени. Нивното промотивно мото беше: "Немате повеќе изговор дека стилот чини многу пари". Паковска вели дека создавањето и менаџирањето на новиот бренд е напорна и стресна работа, со оглед на тоа што се работи со тим. Во изминатите неколку месеци многу научиле за начинот и за процесот на создавање на една колекција.
- Нашите производи во целост се создадени и произведени во нашата земја. Многупати се зборува дека иднината на македонската текстилна индустрија е во создавањето домашни брендови. Затоа сметавме дека токму сега е вистинското време да се создаде наша етикета по примерот на познатите модни синџири. Пред неколку години имав можност да ги интервјуирам познатите креатори Розита и Отавио Мисони. Господинот Мисони тогаш ми рече: "Во големи кризи се раѓаат големи идеи". И навистина, во време на голема економска криза, ние успеавме да го реализираме нашиот моден проект "Стилисимо" - вели таа.
Голема помош во реализација на креациите имале од модната креаторка Милијана Васојевиќ, која своите искуства од Италија и Бангкок ги имплементирала во колекцијата. Во нивниот тим има и моделари, техничари и шнајдерите од македонските фабрики. Во комплетирање на есен-зима 2010 колекцијата соработуваа и со младата дизајнерка на накит Александра Шекутковска. Паковска е задоволна како се вклопија двете колекции.
ЉУБОВТА КОН МОДАТА МИ ДАВА ЕНЕРГИЈА
Моделите првично ги промовираа преку фотосесијата работена со моделот Маја Сашек и со фотографот Дејан Пановски. Учествуваа и на неодамна одржаниот Моден викенд - Скопје.
- Ревијата на Модниот викенд беше вистинското место на кое го претставивме имиџот на "Стилисимо". Преку 21 комбинација, покажавме дека брендот е наменет за млади девојки, но и за зрели жени. Успеавме да презентираме еден поинаков концепт на ревија, во кој главен збор имаа токму едноставните парчиња.
Изминатиов период ја надополнија актуелната линија со зимски, волнени палта и капути. Со полна пареа веќе работат на пролетната колекција. Засега открива само дека моделите ќе бидат поколоритни, но ќе го задржат едноставниот софистициран стил.
Паковска, во меѓувреме, паралелно е посветена и на бутик за италијанска уникатна облека "Зап Милано" што седум години го води со своето момче.
- Постојано сум ангажирана на повеќе полиња, но токму огромната љубов кон модата ми дава енергија да ги истуркам нештата до крај. Среќна сум што модата е дел од мојот живот и е преплетена во мојот приватен живот. Моите чести патувања во светските модни метрополи ги користам да ги наполнам батериите и секако да се инспирирам за моите следни проекти -вели таа.
Во изминатите години успеа да се наметне како еден од најбараните стилисти и влијателни модни новинари. Тоа наметнува обврска да не се откажува од својата модна мисија.
- Никогаш не сум помислила да се откажам од модата, бидејќи тоа мојот живот и мојата страст. И натаму ќе прифаќам ангажмани како стилист, бидејќи навистина уживам да ги разубавувам луѓето. Со години напорно работев и се изборив за своето место на македонската модна сцена. На некој начин станав авторитет во модата. Благодарение на емисијата "Стилисимо" мојата мисија, модно да освестувам и да едуцирам не застанува. Пред мене се уште многу емисии, проекти и колекции.
Активна во блогосферата
Паковска активно го води и блогот за стил stilissimo-stylishgirl.blogspot.com. Страницата ја освежува со информации за модата, животниот стил, дизајнот, архитектурата и воопшто естетиката.
- За само шест месеци, блогот има над 50.000 посетители од целиот свет. Самото тоа што знаете дека на блогот може да ги споделите своите лични ставови, мислења и информации е навистина фасцинантно. Жал ми е што кај нас нема многу модни и културни случувања, но јас постојано се обидувам да пронајдам нешто што би било интересно за посетителите на мојот блог. Од друга страна, пак, сметам дека во светски рамки на модните блогери без никаква особена заслуга им е придадено огромно значење, па дури за дел од нив се резервирани и првите редови на модните ревии. Доколку модата се движи во оваа насока во која блогерите ги заменуваат модните новинари, тогаш светот е тргнат по ѓаволите - вели таа.
Емисијата - продолжение на работата како стилист
Телевизиската емисија за мода и стил "Стилисимо", по која Паковска е најпрепознатлива вели дека била реално продолжение на нејзината работа како стилист.
- За мене медиумите не беа непозната работа, бидејќи на некој начин јас израснав во и на телевизија. Од кога паметам за себе мојот татко ме носеше со себе на сите негови големи проекти. Паметам дека во познатата детска емисија "Дајте музика", чиј режисер беше татко ми, бев задолжена за изгледот на малите глумци и пејачи, иако имав само 13 години. Дури и од дома носев некои модни додатоци, како шапки и трегери, што ги користевме за снимањето. Грижата за стилот на другите отсекогаш за мене претставувало предизвик и задоволство. Можеби и затоа пред 15 години почнав да се занимавам со оваа работа.
Телевизиската емисија за мода и стил "Стилисимо", по која Паковска е најпрепознатлива вели дека била реално продолжение на нејзината работа како стилист.
- За мене медиумите не беа непозната работа, бидејќи на некој начин јас израснав во и на телевизија. Од кога паметам за себе мојот татко ме носеше со себе на сите негови големи проекти. Паметам дека во познатата детска емисија "Дајте музика", чиј режисер беше татко ми, бев задолжена за изгледот на малите глумци и пејачи, иако имав само 13 години. Дури и од дома носев некои модни додатоци, како шапки и трегери, што ги користевме за снимањето. Грижата за стилот на другите отсекогаш за мене претставувало предизвик и задоволство. Можеби и затоа пред 15 години почнав да се занимавам со оваа работа.
sekogas svoja,originalna i prepoznatliva!
ReplyDeleteKeep up the good work Caci!
Se najdobro!
Maya
Blagodaram mnogu :)
ReplyDelete