Игор Пачемски е роден во Скопје во 1978 год. Уште во средното училиште (эаедно учевме во гимназијата „Јосип Броз“), беше единствен во многу нешта... Последните 13 години, живее и работи во Англија. Неговата интелигенција и креативност го издвоија од средината во која конкуренцијата е навистина огромна. Стана вистински лондончанец кој беспрекорно го говори лондонскиот „кокни“ акцент. Овој македонски „вундеркинд“ кој замина во Англија и стана хемиски научник фокусиран на квантната наука, пред неколку години застана на чело на познатата компанија за долна облека „Јес Мастер“.
И. Пачемски: Гимназијата „Јосип Броз“ во Скопје ми даде едно еклектично и солидно општо образование, што ми овозможи да добијам стипендија на Сорос за „Uppingham“ - едно од водечките приватни училишта во Англија, каде што учев математика, виша математика, биологија, хемија и историја на уметност. Бидејќи го знаев универзитетот во Лестер, а не можев да си го дозволам Кембриџ, каде што бев примен да учам природни науки, се решив да запишам MChem по чиста хемија. По 4 години во Мидландс, мојата желба беше да се префрлам во метрополата, бидејќи сакав да експериментирам со идната професија, па така, едно мајско утро во 1997 се најдов во Лондон.
Стилисимо: Како се случи еден научник да реши да почне да креира долна облека?
И. Пачемски: Како и многу други нешта, сосем случајно. Мојата прва работа во модниот свет беше во „Lambretta“, каде што 5 години поминав ковајќи го занаетот во компанија со многу широко портфолио на производи, и тоа ми даде широки познавања од многу различни аспекти во модата. Тогаш, „Коко де Мер“ (www.coco-de-mer.co.uk), синџир на луксузни продавници со интимна облека, ме повикаа да бидам нивни комерцијален директор. Колку повеќе водев комерција, толку повеќе ми стануваше јасно дека ми недостасува креативното исполнување. Така и започнав да дизајнирам. Долната облека ми беше нешто комично, замислете си ја дебелата домаќинка од Том и Џери под здолништето... Се обидов и испадна дека ме бидува. „Јес Мастер“ (Yes Master), пак, беше нешто за што сонував додека се излежував на подот кај мојот пријател од Лисон Гроув, и нешто што почна првин како хоби, а потоа прерасна во мисија: „Да го направам тоа што подобро“.
Стилисимо: Кој е твојот најголем успех до сега?
И. Пачемски: Во принцип, мојот најголем успех е фактот што имам лојална клиентела во една од најкомпетитивните сфери (и пазари!) во светот. Фактот што во рецесијата конгломерати пропаѓаат, а ние сме стабилни. Компанијата расте и се развива и секогаш има предизвици, било од агол на синџир на набавка, агол на производство, продажба, маркетинг или персонал.
Стилисимо: Каква жена имаш на ум кога креираш?
И. Пачемски: Креирам за жени со длабочина. Не креирам за површни, тренд ѕвезди во мигот. Креирам за софистицирани индивидуи со доволно интелект да го разберат суптилниот хумор во мојот „опус“. За да ги носи моите модели, жената не мора да е слаба или конвенционално добро градена. Тоа е голема предност во однос на многуте компании кои прават одлични нешта соодветни за жени со А корпа.
Стилисимо: Како и каде трагаш по инспирација?
И. Пачемски: Инспирацијата ја наоѓам во миксот од култните филмови, бајките и повторно создадените легенди, неделните весници, „Челзи“, „Сохо“, моите девојки, Холивуд, книгите, мојот мал симпатичен свет, инстинктот, храброста...
Стилисимо: По што се разликува твојата долна облека од останатите на пазарот?
И. Пачемски:: Според сликите, можете да видите дека си играме со графички решенија кои се посоодветни за високата мода, отколку за интимната облека. Софистицираноста и материјалите со врвен квалитет исто така нè двојат од масата. Веројатно голема улога игра и мојот специфицен „handwritting”(потпис, печат) кој луѓето го сакаат, го бараат и кој, едноставно, ме одделува од просекот.
Стилисимо: Каде се продаваат производите на „Јес Мастер” и кој „ги носи“?
И. Пачемски: Брендот „Јес Мастер“ се продава во Викторија Сикрет, на www.asos.com и на многу други места низ светот. Имаме клиенти во Велика Британија, САД, Германија, Холандија, Белгија, Шпанија и Јапонија. Нашите производи ги носат необични и обични, непознати и познати жени, Кира Најтли, Сиена Милер, Савана Милер, Џеки Колинс, Парис Хилтон, Чарлин Спитери и Прл како и Дејзи Лав...
Стилисимо: Кои жени, според тебе, се стил-икони?
И. Пачемски: Само жени со силна индивидуалност можат да бидат стил-икони. Лесно е да се купи аутфит од кукла во излог. Стилот е за оние кои се подготвени да скршат бариери или се доволно софистицирани да можат да носат класика. Стилот е за жената со „je ne sais quoi“!
No comments:
Post a Comment